Дали Исус бил поврзан со заедницата на Свитоците од Мртво море?

Во мојата претходна објава зборував за значењето на Свитоците од Мртво Море со цел разбирање на Исус и милјето од кое најраното Христијанство израснало. Мојата основна поента е дека, ако Исус бил Евреин, тогаш за да го разбереме треба да ги разбереме Евреите во неговиот свет. И Свитоците од Мртво Море ни обезбедуваат драгоцени информации околу тоа.

Не велам дека Свитоците од Мртво море претставуваат што сите или повеќето Евреи мислеле во тоа време. Јасно дека не.  Ако “Есенската хипотеза” е точна (т.е. дека свитоците се произлезени од членови на еврејска секта позната како Есени) – и тоа е ставот на мнозинството експерти (јас не сум експерт за Свитоците) – тогаш Свитоците се произлезени од Еврејска секта којашто имала свои многу карактеристични ставови коишто, во многу аспекти, не биле делени од надворешни лица. Конкретно, ова била група од Евреи кои инсистирале дека претстојниот апокалиптичен суд, чие доаѓање било близу, ќе ги уништело не само омразените Римјани и ,,очигледните” непријатели на Бог, туку и многу Евреи исто така, вклучувајќи ги и свештениците кои биле назначени во религиозниот ред на Храмот во Ерусалим.

Ова не било твредење кое дотогаш било непознато, но не било ни многу широко распространето (особено меѓу свештениците кои биле назначени за служење!). Во однос на твредењето кое не било толку непознато: дури и канонски пророк како Еремија можел да крене глас против Храмот и жртвувањата што биле вршени таму, пророкувајќи дека Храмот ќе биде уништен од Господ (пр. Еремија 7). Така што немало ништо “нееврејско” во осудувањето на Храмот. Но осудувањето не било често бидејќи Храмот бил самиот центар на религискиот живот  за повеќето Евреи. Господ лично ја заповедал неговата изградба и ги определил жртвите што требало да бидат принесувани таму. И Хебрејските Писма го сметаат Храмот за единствен центар и фокус на еврејското обожавање – не како инцидентна одлика на Еврејската религија, туку нејзино срце и душа. Да се спротивставиш на ова, било сериозна работа и не само од религиозни причини. Храмот бил исто така центар на социјалниот, политичкиот и економскиот живот во Ерусалим, главниот град на Јудеја.  Да се спротивставиш на ова значело спротивставување на речиси сè во што Еврејската влада и народ верувале. Со цел да го изразат своето спротивставување на Храмот и Ерусалим, Есените во Кумран, каде што Свитоците од Мртвото Море биле откриени, се повлекле и основале своја заедница во пустината. Tоа било таму каде што тие го очекувале доаѓањето на спасението Тие се преселиле затоа што одбиле да бидат онечистени од нечистотиите на начинот на кој редот во Храмот бил спроведуван.

А сржта на ова одбивање било верувањето на Есените дека е назначен погрешен свештеник – уште од времето на Макавеите, еден од макавејските водачи си ја присвоил позицијата на Првосвештеник, а традиционално Првосвештеник можел да биде легитимен само ако е од линијата на Садок, главниот свештеник во времето на кралот Давид. Покрај тоа, тие ги прославувале празниците според погрешен календар, што ги осквернувало жртвите. И така, Есените поставиле свои заедници во пустината за да ја сочуваат својата чистота, да избегнат онечистување и да го дочекаат спасението кое Господ наскоро требало да го донесе. Како што се испоставило, и Исус се спротивставил на Храмот како и на свештениците кои го управувале. Па, зарем тоа не сугерира дека тој бил Есен? Како што веќе посочив, мислам дека одговорот е дефинитивно „не“. Навидум можеби изгледа дека помеѓу Исус и Есените има „совпаѓање“, кое е затоа што многу брзо откако биле откриени Свитоците, проучувачите сугерирале вакво нешто, и од тоа произлегеле некои сензационални извештаи кои отвориле расправии дека Исус бил Есен.

Но, некои научници потрезвено ги разгледале доказите и ги посочиле проблемите. Главните проблеми биле во тоа што токму главните грижи на Есените не биле грижи и на Исус, и обратно. Не постои ништо во нашите историски записи што би укажувало на тоа дека на Исус воопшто му било грижа дали Првосвештеникот потекнувал од линијата на Садок или не; и тој воопшто не покажувал интерес за различните еврејски календари. Уште позначајно, Исус не бил нималку заинтересиран за зачувување на ритуалната чистота и држењето себеси настрана од можните извори на нечистота. Всушност, токму спротивното – Фарисеите го осудиле Исус за неговото неодговорно однесување, за здружување со оние што можеле да донесат нечистотија, на пример даночниците и грешниците. Интересно е што фарисеите го осудиле Исус за поигрување со законот. Есените ги осудиле Фарисеите за поигрување со законот.

Па ако фарисеите биле премногу неодговорни, тогаш како Исус би им изгледал на Есените? Тоа најверојатно далеку би ги преминало сите граници. Исус се дружел со отпадниците и со најдолните, затоа што не сметал дека ритуалната чистота е она што е битно. За него, Бог имал многу поинакви грижи. Кралството што требало да дојде, би дошло кај оние коишто биле општествено презрени, а не кај оние коишто биле на позиции на моќ и величина. Така, Тој се здружувал со најдолните за да ја пренесе својата порака. Есените, со најголема строгост, одбивале да бидат поврзани со оние кои одбивале да го следат законот – особено законот на чистота. Нивните гледишта биле крајно спротивни. НО – јас го нагласувам спротивното, НО – а тоа е дека во друга смисла Исус и Есените биле многу слични. Сите тие биле апокалиптичари кои верувале дека Бог наскоро ќе интервенира во овој зол свет за да ги собори силите на злото – дури и непослушните меѓу Евреите и оние што ја „воделе играта“ во Ерусалим – за да воспостават добро кралство на земјата. И така, во многу аспекти, Исус и Есените (и Фарисеите, а веројатно и други) имале многу заеднички нешта, дури иако самиот Исус во никој случај не бил Есен. За да го разбереме основниот светоглед на апокалиптичниот Исус, сега имаме на дофат непроценливи податоци во Свитоците, што укажуваат на основниот светоглед на апокалиптичните Есени.

За авторот

Горан Димитриески е блогер и истражувач на ориенталните цивилизации.

Коментари

Најнови видеа