Исламофобијата

Исламофобијата во Европа стигна до “точка на вриење”: муслиманите во Европа проговорија

Пишува: Тасним Назир, 19 јануари 2022

Како последица на новиот извештај за исламофобијата во Европа, Њу Араб разговара со тројца муслимани кои живеат на континентот и говорат за нивните лични битки со исламофобијата. Исламофобија во Европа е извештај направен од професорите Енес Бајракли и Фарид Хафез кои напишаа студија за исламофобијата низ Европа и дојдоа до заклучок дека злочините на омраза против муслиманите низ последните две години “се влошија, ако не и достигнаа точка на вриење.”

Исто така фрла светло на онлајн злоупотребите со кои се соочуваат муслиманите и како  наративот во европските медиуми ја поттикнува исламофобијата. Ајша *името е сменето поради заштита на приватноста, 40, живее во Берлин, Германија, со нејзиниот сопруг и две деца. Таа е предана муслиманка која порано носеше никаб, но неодамна го тргна откако беше физички нападната за време на прошетка со своите деца. “Пред да почнам да носам хиџаб бев наставничка во основно училиште и многу си ја сакав работата. Но, како што станував поблиска со мојата вера  почнав да размислувам за хиџаб и одлучив да носам никаб, но нашиот парламент (германскиот) одлучи да им забрани на сите натсавници да го носат додека се на училиште,” објаснува таа.

Во мај 2021 година, Горниот дом на германскиот парламент изгласа закон што  забранува  носење на било какви религиски симболи вклучувајќии хиџаб и никаб, на сите работници во јавниот сектор. Овој закон беше јавно објавен во јули минатата година, потег за кој Ајша вели дека беше “само мал дел од проблемот.” “Не се чувствуваме слободни да ја практикуваме нашата вера и она што е полошо е дека сме таргетирани ако го правиме тоа.” Една зимска вечер пред неколку години, Ајша се движела накај берлинската централна станица со нејзините двајца синови.

Тогаш некој маж го извлекол хиџабот и почнал да ја пцуе и да користи навредлив јазик за нејзиниот никаб. “Бев многу исплашена бидејќи се почувствував ранлива пред моите синови. Брзо го вратив хиџабот и го покрив моето лице но се што сакав во тој момент беше да се срушам и заплачам. Најлошо од се беше дека многу луѓе поминаа покрај мене и видоа што се случи, но никој не рече ништо. ” Ајша рече дека тоа бил “најлошиот ден во нејзиниот живот” и дека била ”трауматизирана” од агресијата и омразата што ја добила само за практикување на сопствената вера. Таа верува дека омразата што и била искажана е делумно поради одлуките на парламентот за носење на религиски симболи како што е хиџабот. “Ако германскиот парламент не подржи во носењето хиџаб и превез на лицето ние не би страдале толку како што страдаме сега, но тие одбиваат да ни го дозволат ова.

Мислам дека ситуацијата станува се полоша и се повеќе муслимани во Германија се загрижени дека не се превзема доволно против анти-муслиманската омраза со која се соочуваме.” Од другата страна на границата, во Франција, емоциите на Ајша за анти-муслиманската омраза се пресликани во 35 годишната социјална работничка Нада Осман. “Омразата против муслиманите е поголема од било кога. Овде во Франција прават да се чувствуваме како туѓинци и покрај тоа што ние сме тука родени и израснати или имаме деца кои се Французи по националност. ” Нада вели дека со години се борела да биде прифатена како муслиманка, и има добиено и многу дескриминаторски коментари од родители во училиштето на нејзините деца. “Една мајка од училиштето на ќерка ми ме праша зошто сакам да бидам поинаква од другите и зошто си ја покривам косата. Тие правеа да се чувствувам изолирано а нивните предрасуди се пренесоа и на игралиштето каде и моите деца беа жртви на злоставување.”

Но, муслиманите не се таргетирани само во училиштата во Франција, туку и на разговори за вработување. “Многу е тешко за муслимани кои носат религиски симболи да се вработат, па дури и само со тоа што имаме муслиманско име знаеме дека ќе бидеме третирани поинаку. Не гледам никакво подобрување што би ни го осигурало човечкото право да бидеме третирани еднакво со другите.”

Во јули 2021 Европскиот суд на правдата донесе одлука дека европските компании, под одредени услови, можат да им забранат на вработените да носат хиџаб. Додека владата на Претседателот Емануел Макрсон инсистира дека овој нов закон не е насочен кон конкретна религија, многу муслимани како Нада се плашат дека е токму тоа. Хиба Латрече е член на Извршниот комитет на Форумот на европска муслиманска младина и студентски организации, и е 23 годишна студентка по право од Франција. “Ние во ФЕММСО се консултираме со голема мрежа на организации низ 20 европски држави и имаме контакт со стотици млади европски муслимани.

За жал, исламофобијата е константно заедничко искуство. Се појавува во различни форми, од источниот до западниот дел на Европа, но покрај признавањето на овие предизвици, младината работи заедно и гради поправедно, кохезивно и витално општество,” рече Хиба за Њу Араб. Хиба лично има лошо искуство од исламофобијата во Европа. “За жал ја имам искусено исламофобијата во Франција, од вербални напади и малтретирања до последиците од нормализирање на институционалната исламофобија: потешкотии во вработување или стажирање. Низ моето образование сум имала рестрикции во спортот како и сум била насочена да го извадам хиџабот во околности каде не е пропишано со закон.”

Овде во Обединетото Кралство хиџабот можеби не е забранет, но многу муслимани како Фозиа Кан, 36, од Шкотска, мислат дека исламофобијата е проблем што се ”турка под тепихот премногу долго.” “Што повеќе може да очекуваме кога жените кои носат никаб се наречени ‘поштенски сандачиња’ од страна на Премиерот? Тие (владата на Тори) немаат покренато ниту една истрага за исламофобија и покрај безбројните анти-муслимански напади овде во Обединетото Кралство.”

И покрај тоа што имаше иницијативи за исламофобијата да биде дефинирана и да има правна дефиниција што би означувало злодело од омраза против муслиманите и оние што се видени како муслимани, Обединетото Кралство нема добар напредок. “Исламофобијата е полоша во некои делови од Обединетото Кралство од други. Мене лично ме имаат плукано кога сум била излезена со никаб, ми го имаат влечено хиџабот и ме имаат исмевано на социјалните мрежи.” Како што извештајот наговестува, муслиманите во Европа со кои Њу Араб разговараше го делат истото чувство дека исламофобијата е сеуште распространета и  дури е влошена поради тоа што ништо не се превзема од оние кои се на владеачки позиции. Муслиманите во Европа сакаат да видат промени кои ќе им овозможат еднакви права и можност да се придржуваат кон својата религија без да се соочуваат со забрани за практикување на својата вера и носење на религиски симболи.

За авторот

Горан Димитриески е блогер и истражувач на ориенталните цивилизации.

Коментари

Најнови видеа