Воспитанието и моралните доблести во исламот

Мене ми е поважно да му помогнам на братот во верата, кога помошта му е потребна, от­кол­ку да се повлечам во џамијата месец дена обожувајќи го Бога. Дарежливоста, проште­ва­њето и трпе­нието се доблести на добро вос­пи­тан чо­век. Човечноста се огледува во чо­ве­ко­вата ис­кре­ност, во давањето помош на бра­ќа­та во верата, во правењето добро и во отстра­ну­ва­ње­то на непријатностите од сосе­дот.

Ако сакал Возвишениот Аллах сите ќе нè нап­ра­­вел богати или сиромашни. Меѓутоа, тој са­кал да нè искуша, па едните ги направил бо­га­ти, а другите ги оставил во сиромаштво, но на сите им го покажал патот на доброто, кога рекол:

„…и сакаат повеќе за нив отколку за себе, иако и на нив самите им е потребно. А тие што ќе се сочуваат од лакомоста и скржавоста, тие сигурно ќе успеат“. (Куран, 59:9)

Благородниот човек брза да стори добро што е можно порано, а расипаниот го одолговлечува правењето добро и бега од него.

Не е праведен оној што бара да го почитуваш, а те лишува од својата помош.

Во скржави луѓе ги вбројувавме дури и оние што сакаа да му дадат заем на својот брат во верата, бидејќи меѓусебно си помагаме. Братот на братот му посакувал повеќе отколку себе­си. Се колнам во Аллах, сум гледал како мус­ли­ма­нот ја дели својата наметка за да му помог­не на оној што ја нема. А друг, пак, по дневниот пост, кога дошло времето на ифтар, отишол кај својот брат по вера и му рекол: „Јас денес постев во името на Возвишениот Аллах! Сакам и ти да имаш учество во моето добро, па дај ми нешто со што би го завршил својот пост!“. И тој ќе му даде чаша вода или грст урми за да мо­же Возвишениот Аллах да му подари награда како и на постачот.

Го паметам времето кога човекот се грижеше за семејството на својот брат во верата, дури и четириесет години по неговата смрт. Го па­ме­там времето кога луѓето им наредувале на сво­и­те да не одбијат никого кому му е потребна помош и да не го остават разочаран.

Не е грев да се јаде и да се пие во куќата на својот пријател и пред тој да ти понуди лично.

Човекот ќе биде прашан за сето она што ќе го потроши, дури и за трошоците на своите роди­те­ли. Единствено нема да биде прашан за она што го потрошил на братот во верата и во дру­ги­те покорности на Возвишениот Аллах, бидеј­ќи Тој се срами да го праша за она што го пот­ро­шил за таа цел.

Не е човечки човекот да заработува на друг чо­век – на својот брат.

Варди се од оној што ти пренесува туѓ говор, бидејќи и на друг ќе му го пренесе твојот.

Човеку, човеку! Внимавај на своите дела! И пов­торно: внимавај на своите дела! Гледај во каква состојба ќе го сретнеш својот Создател и својот Господар!

Добротворите се препознаваат според искре­нос­та во говорот, според чувањето на дове­ре­но­­то, според исполнувањето на обврските, не­во­образеноста, посетувањето на роднините, со­милоста кон слабите, според правењето доб­­ро, убавото воспитување и однесување, изо­­билството на благоста, ширењето на знае­ње­то и според реткото дружење и седење со жените.

Чувај се од забраните на Возвишениот Аллах, ќе бидеш побожен!

Биди задоволен со она што ти го дал Воз­ви­ше­ниот Аллах, ќе бидеш богат!

Биди добар сосед, ќе бидеш верник!

Сакај им го на луѓето она што го сакаш за себе, ќе бидеш праведен!

Не смеј се многу, бидејќи тоа го умртвува срце­то и целото тело!

Извадок од книгата: „ГО СЛУШАМ ШУМОТ, ПРИЈАТЕЛОТ НЕ ГО ГЛЕДАМ“ / http://makislam.com/

За авторот

Горан Димитриески е блогер и истражувач на ориенталните цивилизации.

Коментари

Најнови видеа